Вардар против Татран за сигурно прво место и збогум во „Јане Сандански“

Три бода на последните два натпревара од годината за потврда на првото место во групата А. Пред овој предизвик стои бранителот на трофејот во СЕХА лигата, македонскиот и европски првак Вардар. Првата шанса за трите бода е веќе вечерва (20.15) во „Јане Сандански“ против Татран Прешов.

Вардар е лидер на табелата со 21 бод по осум одиграни кола на кои има седум победи и еден пораз. Најблизок конкурент му е Мотор Запорожје, единствениот тим кој сезонава го победи Вардар во регионалното натпреварување со 18 бода. Татран е третопласиран со 15 бода. На првиот сезонски дуел, Вардар славеше на гостувањето, убедливо со 22-29.

„Го играме последниот натпревар пред нашите навивачи во 2019 година. Целта е да одиграме најдобро што можеме и да го завршиме регуларниот дел од сезоната на најдобар можен начин. Секогаш, нашата цел е победа“ – вели во пресрет на натпреварот, крилото на Вардар, Димитар Димитриоски.

Вардар е сигурен учесник во четвртфиналето и директно ќе игра во оваа фаза како првопласиран во групата. Директно место во четвртфиналето има и за второпласираниот тим, а екипите од третата до шестата позиција ќе разигруваат во осминафиналето.

 

 

 

 

Се вчитува...