Вардар е првиот финалист во ракометниот Куп на Македонија откако „црвено-црните“ славеа во репризата на последното куп-финале над Металург со резултат 22-27. Мечот се играше во салата „Автокоманда“, но Металург не успеа да ја искористи предноста на домашниот терен на овој завршен турнир. Избраниците на Иван Марковски добро парираа во првиот дел, но во второто полувреме нивниот отпор експресно беше скршен, па куп-трофејот годинава ќе има нов сопственик.
Металург набрзина поведе со 2-0, но потоа следеше период на слаба игра во нападот на домаќинот на овој завршен турнир. Хорват промаши пенал при 2-1, следеа и бројни неискористени напади по кои Вардар набрзина поведе со 2-6, принудувајќи го тренерот Марковски уште во 10. минута да побара тајмаут. „Металурзите“ собраа сили да се вратат, цврстата игра во одбраната им донесе резултат, во нападот Серафимов постигна неколку погодоци, па со пеналот на Поповиќ домашниот состав поведе со 10-9. Во незгоден момент за „металурзите“ исклучување зарботи Хорват, а Вардар знаеше како да го искористи тоа, постигна три гола во серија и на одмор замина со водство од 12-14.
„Вардарци“ доминантно го стартуваа второто полувреме, постигнувајќи пет гола во серија и набрзина поведувајќи со 19-12. Додиќ го постигна првиот гол за Металург во вториот дел во 36. миунта, но веќе беше предоцна, Вардар оствари убедлива предност што „црвено-црните“ рутински ја одржуваа. Металург дојде на „минус пет“ (18-23), но при ситуација со играч повеќе Поповиќ промаши пенал, во следниот напад Ристовски му одбрани зицер на Лазаревски, по што пропадна и последната можност домашниот состав посериозно да се приближи, па Вардар рутински стигна до победата.
Иван Чупиќ ги предводеше стрелците кај Вардар со седум погодоци, шест постигна Јотиќ, а пет Дисингер. Одлично издание имаше и голманот Борко Ристовски со 15 успешни интервенции. Серафимов и Калуѓеровиќ со по шест гола беа најефикасни кај Металург, а четири пати прецизен беше Хорват.
Во второто полуфинале во 19 часот ќе се сретнат Еурофарм Пелистер и Бутел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА