Вардар и Работнички денеска (13 часот) на арената „Филип Втори“ ќе го одиграат одложениот натпревар со што и официјално ќе биде заокружен есенскиот дел од сезоната во Првата фудбалска лига на Македонија. Шкендија ја обезбеди есенската титула, а Вардар посакува да презими барем со едноцифрена негатива во однос на тимот од Тетово. Работнички, пак, се надева дека ќе успее да прокнижи уште некој бод, за да ги зголеми шансите за излез на европската сцена.
Искусниот играч за врска на Вардар, Никола Глигоров, се надева дека неговиот тим ќе му возврати на Работнички за поразот од 3-1 на првиот дуел од оваа сезона.
„Ова ни е последен натпревар во првенството оваа година, и низ него прво сакаме да ја намалиме бодовната разлика во однос на нашиот ривал за првата позиција на табелата, а второ сакаме на некој начин да му вратиме на Работнички за поразот во првиот натпревар сезонава. Тие беа подобри, сосема заслужено победија, а сега посакувам и очекувам ние да бидеме подобри и да победиме. Завршува овој прв дел од сезоната во првенството во кој што знаеме дека можевме да поминеме многу подобро. Меѓутоа не ни останува ништо друго, освен да победиме и да ја намалиме разликата, и да се обидеме во пролетниот дел од сезоната да стигнеме до тоа прво место кое што секогаш е целта. Со Работнички ќе биде тежок натпревар, очекувам добра игра на Вардар и на крајот освојување на три бода“, вели Глигоров.
Тренерот на Работнички, Горан Станковски, фаворитската улога му ја препушта на Вардар, но се надева дека неговиот состав ќе одигра на највисоко ниво, а тогаш, како што вели, „романтичарите“ можат да го победат секој противник во Првата лига.
„Вардар е фаворит, но јас верувам во нашиот тим и се надевам дека ќе одиграме квалитетно како на последните неколку натпревари. Доколку го сториме тоа, бидеме дисциплинирани во играта, мислам дека можеме да го изненадиме противникот. Кога Работнички ќе одигра на своето најдобро ниво, тогаш нема тим во лигата што е непобедлив. Работевме напорно во изминатите денови, се подготвуваме за последното есенско искушение, и веруваме дека ќе успееме да освоиме бодови“, истакнува шефот на стручниот штаб на Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА