Вардар ремизираше со руски Амкар на втората контрола во Анталија

Актуелниот македонски шампион ремизираше (1-1) со руски Амкар во вториот контролен натпревар на зимските подготовки во Анталија.

По претходниот пораз од романска Стеауа од 1-0, Вардар овој пат стигна до реми со рускиот прволигаш од Перм. Горан Попов ги донесе „вардарци“ до предност со голот во 41. минута, убаво искористувајќи со глава нафрлување од слободен удар на Фелипе.

Русите израмнија преку Салугин во 58. минута, по една грешка на вардаровата одбрана која неуспешна постави офсајд замка.

Шефот на стручниот штаб, Гоце Седлоски, денешниот натпревар против Амкар го започна во следниот состав: Алексовски, Попов, Грнчаров, Велковски, Хамбарџумјан, Глигоров, Демири, Гроздановски, Фелипе, Петковски, Балотели.

Следниот пријателски натпревар на Вардар, за време на подготовките во Анталија, ќе биде на 2. февруари против чешката Дукла од Прага.

ФОТО: www.fkvardar.mk

 

Се вчитува...