Вардар очекувано, славеше лесна победа против последнопласираниот Извиѓач со 38-27 во натпреварот од 9.коло во регионалната СЕХА лига. За „црвено-црните“ ова е осма победа во регионланото натпреварување со која се изедначуваат на врвот на табелата со 21 бод, со Нексе и со ППД Загреб.
Извиѓач и по деветото коло останува без победа на дното на табелата, со само еден бод. Разликата во квалитет беше повече од видлива и на денешниот дуел со Вардар во кој Извиѓач во текот на целиот натпревар беше во инфериорна позиција што на крај заврши и со убедлив пораз.
Исходот од овој дуел беше предвидлив и најавен уште по првите шест минути кога Вардар поведе со 4-1 и потоа рутински ја зголемуваше преноста. Роберто Парондо настапи со комбиниран состав и им даде поголема шанса и на играчите од клупата, па на терен се појавија и Оцвирк, Мишевски и Кизиќ.
По првата четвртина вардарци веќе имаа водство од 10-4, а до крајот на првиот дел ја зголемија предноста на 21-13.
Доминацијата на Вардар продолжи и во второто полуврме во кое за три минути, домаќините прв пат дојдоа и на двоцифрена предност поведувајќи со 23-13 со погодокот на Мартин Поповски.
На средината од вториот дел, вардарци веќе ја надминаа границата од 30 со третиот гол на Грегор Оцвирк за 31-19. Со неколку успешни интервенции својата шанса на голот добро ја искористи младиот Марко Кизиќ, а Вардар константно ја зголемуваше предноста и ја завери седмата победа во СЕХА лигата сезонава.
Јања Војводиќ и Грегор Оцвирк постигнаа по шест гола, а по пет запишаа Мартин Поповски и Дмитриј Кисељев. Дејан Милосављев заврши со 11, а Марко Кизиќ имаше четири одбрани.
КајИзвиѓач најефикасни беа Јосип Чутура и Ведеран Делиќ со по седум гола.
Дуелот со Извиѓач за вардарци беше посериозен тренинг пред пресметката со Кјелце во Лигата на шампионите на 1 декември во Скопје. А, следно на распоредот во СЕХА лигата е скопското дерби со Металург на 5 декември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА