Ракометарите на Вардар по завршувањето на ЕХФ-неделата продолжуваат со подготовките за најважниот период од сезоната. „Црвено-црните“ најпрвин викендов ќе бидат домаќини на завршниот турнир од СЕХА-лигата, каде се бранители на трофејот од ланската сезона, по што ќе следи и четвртфиналната пресметка во ЛШ против германски Кил.
„Верувам дека ќе успееме барем половина од она лани, да ги освоиме СЕХА лигата и Лигата на шампионите. Сезонава можеби е малку потешко да се оствари тоа бидејќи противниците посериозно гледаат на нас. Лани во Келн дојдовме како аутсајдери. Сега сезонава не сфаќаат сериозно, им покажавме дека вредиме и знаеме“ – изјавува Лука Циндриќ во исчекување на претстојните искушенија.
Во меѓувреме, „црвено-црните“ ја продолжуваат и потрагата по нов голман кој би го наследил Арпад Штербик во наредната натпреварувачка сезона. Трансферот на Штербик во Веспрем беше официјализиран уште пред неколку месеци, во меѓувреме „вардарци“ беа поврзувани со бројни голмани, но ниту еден од нив не ги прифати условите понудени од страна на скопскиот клуб. Даниел Шариќ беше најзвучно име од сите кои го одбија Вардар, заедно со Скок, Алиловиќ, Арсиќ, Станиќ… a потрагата продолжува. Желба на управата е новиот голман да биде договорен пред завршувањето на сезонава, во спротивно би се зголемила неизвесноста и се поголеми би биле стравувањата дека нема да биде ангажиран врвен чувар на мрежата, па за прв голман во новата сезона ќе остане Милиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА