Ракометарите нна Вардар имаат причина за славје откако славеа во големото дерби против Пелистер со резултат 31-28. Во меч во кој „црвено-црните“ имаа целосна контрола над играта и над резултатот скопскиот клуб заслужено го зеде скалпот на големиот ривал, по четирите порази во низа што ги имаше од битолскиот суперлигаш. „Зелено-белите“ ја немаа посакуваната цврстина во одбраната, Манасков беше единствениот расположен во нападот, премалку за да се избегне пораз во „вулканот“ во „Јане Сандански“.
Откако во воведните две минути двата тима одиграа гол за гол (2-2), прв поголема разлика направи домаќинот кој со серија од три гола во 7. минута поведе со 5-2 по што следуваше првиот тајм-аут на тренерот на гостите Гарабаја. По тајм-аутот се стабилизираа гостите, па на влезот во 12. минута стигнаа до негатива од само еден гол 6-5. Токму во овој момент се случи мала искра на теренот по која Вуко Борозан доби директен црвен картон. Црвениот картон како да им даде дополнителна сила на домаќините кои во следниот период повторно стигнаа до плус три (8-5). Во следниот период домаќинот ја држеше предноста од три гола, а по погодокот на Цехте за 11-9 во 20. минута, првпат пауза од шеесет секунди побара и домашниот тренер Иван Чупиќ.
По влегувањето на „Чкембари“ во салата се случи нов прекин на најголемото дерби. Битолчани запалаија факел на трибините по што домашните навивачи „Комити“ веднаш сакаа да влезат во клинч со големите ривали од трибините. По прекинот од десетина минути натпреварот продолжи, a на пет минути до крајот на првиот дел Вардар влезе со позитива од 14-12. „Црвено-црните“ играа одлично во дефанзивата па со голот на Тузолана во 29. минута повторно стигнаа до плус три 16-13. До крајот гостите преку Кузмановски погодија за 16-14 по триесет минути игра.

Вториот дел донесе уште поголеми возбудувања, „пелистерци“ се вратија и преку Маасков стигнаа до 18-18, прво израмнување по почетните 2-2. Дуелот беше егал до 21-21, при овој резултат Митревски имаше фантастична двојна интервенција, но Пелистер влезе во криза во нападот, а Вардар знаеше како да го искористи тоа и преку Тузолана поведе со 23-20. Гарабаја беше принуден да побара тајмаут, но Малус повторно влезе во ритам, даде гол потоа и изнуди пенал по кој Боно вторпат во низа не успеа да го совлада Митревски.
Митревски го одржуваше Пелистер во живот кога беше најтешко, бранејќи два зицери при 25-23, а Гарабаја го зеде последниот тајмаут на осум минути до крај, при водство на Вардар од 27-24. Валач блесна во клучните моменти, запирајќи го расположениот Манасков, па во последите пет минути се влезе со 28-25 за „црвено-црните“. Агресивната одбрана на гостите вроди со плод и за една минута негативата беше намалена на 28-27. Валач имаше нова клучна интервенција, запирајќи го пеналот на Манасков , пред Талески на спротивната страна да постигне мајсторски погодок за печат на победата, што на крајот беше изразена со конечните 31-28.
Малус, Тузолана и Боно беа најефикасни со по шест гола кај Вардар, по три реализираа Талески и Јанковски, додека Валач имаше девет успешни интервенции.
На спротивната страна, најдобри поединци кај Пелистер беа Манасков со девет и Кузмановски со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

