Вардар со бод се враќа од Исланд

Вардар со еден бод се враќа од гостувањето на Исланд, кај екипата на Валур. На крајот мечот заврши нерешено 34-34, иако Вардар можеше да остане и без бод, со оглед дека Срдановиќ во последната секунда од пенал донесе бод за „црвнео-црните“. Бодот не е доволен, а пред последното коло не постои ниту теорија за пласман во главната фаза. Со тоа последниот меч за Вардар во  Европа оваа сезона ќе биде на домашен терен против Мелсунген, кој има пет од пет и сигурно е првопласиран.

Македонскиот претставник не го почна мечот согласно очекувањата. Валур во еден миг имаше и +5 (14-9), но вардарци успеаја брзо да се врата, и не дозволија разликата да расте. На одмор заминаа со подносливи еден гол негатива.

Валур одново ја презеде иницијативата, имаше неколку пати предност, а потоа ги казни грешките на гостите, и успеа да стигне и до +3 (29-26). Вардар се врати, успеа да израмни,  па дури и да поведе 32-33 на три минути пред крајот. Во клучните мигови, „црвено-црните“ останаа со играч помалку, но па со два гола исланѓаните поведоа со 34-33. Сепак, Срдановиќ од пенал успеа да донесе на крајот реми.

Тордарсон со 11 голови беше најефикасен на средбата и кај Валур, додека кај Вардар по пет голови постигнаа Георгиевски, Хориха, Маргели и Срдановиќ.

Се вчитува...