Вардар ја продолжува трката со Еурофарм Пелистер за шампионската титула во ракометниот плејоф откако „црвено-црните“ забележаа нова рутинска победа, на гостувањето против Тиквеш во Кавадарци со резултат 24-28. Избраниците на Дејвис не дозволија никакво изненадување, задржувајќи го чекорот зад лидерот од Битола во пресрет на големото дерби во „Боро Чурлевски“ закажано за 1 мај, кое речиси сигурно ќе биде решавачко за шампионската титула во мак-ракометот.
Тиквеш го отвори мечот со водство од 2-0, но тоа беше се што домашните ракометари успеаја да сторат. Вардар од негатива од 3-2 стигна до водство од 3-5, за скопјани да продолжат со доминација и предводени од пивотот Валчак да стигнат и до водство од 5-9. Кавадарчани делуваа мотивирано, но беа немоќни да го запрат налетот на актуелниот шампион, па на одмор се замина со водство на Вардар од 9-15.
„Црвено-црните“ заиграа уште подобро на стартот од вториот дел, го отворија овој дел од мечот со серија од 1-4 и најбрзина поведоа со девет гола предност (10-19). Убедливото водство придонесе да дојде до опуштање кај гостите, а ракометарите на Тиквеш го искористија тоа за да влезат во сопствена гол-серија. Откако резултатот беше 13-22 домаќините дадоа четири гола, успеаја да намалат и на 19-23, но Вардар се разбуди во вистински момент и не дозволи неизвесен финиш, на крајот триумфирајќи со конечни 24-28.
Куни Моралес со шест гола е најефикасен во таборот на Вардар, еден помалку постигна Валчак, додека Симиќ и Стефановиќ постигнаа по пет погодоци за Тиквеш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА