Ракометарите на Вардар се соочија со сериозни проблеми во својот прв официјален натпревар во 2019 година, откако потешко од очекувањата славеа на гостувањето против Војводина со резултат . Тренерот Парондо не тактизираше премногу со составот, но долгата пауза од клупски настапи остави видлива трага врз играта на „црно-белите“. Сепак, квалитетот и искуството беа доволни за „поладни глави“ во завршницата и заслужена победа со која „вардарци“ се вратија на врвот на табелата во СЕХА-лигата.
Војводина изненади со одлична игра во првото полувреме, за која македонскиот првак не успеваше да најде одговор. Српскиот претставник дури и замина на одмор со минимална предност од 14-13, по што резултатската неизвесност беше задржана се до 56. минута. Домашниот тим успеа да израмни на 23-23, но кога беше најважно „вардарци“ одговорија на предизвикот, постигнаа три, а не примија ниту еден гол до самиот крај и се радуваа на победата.
Чупиќ со осум гола беше прв стрелец на Вардар, Скубе постигна седум, а Криштопанс шест погодоци за „вардарци“ на овој натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА