Седумнаесети куп-трофеј во витрините на Вардар. „Црвено-црните“ со победа над вечниот ривал Еурофарм Пелистер во финалето во Охрид се закитија со пехар повторно радувајќи се на победа над тимот од Битола (31-27). „Пелистерци“ пак, не дочекаа после 20 години да дојдат до овој толку посакуван трофеј, и ќе мора да почекаат барем до следната сезона. Вардар во текот на целиот меч беше во предност, подобро го отвори натпреварот, успешно ја држеше разликата во вториот, и на крајот се радуваа на уште еден пехар во Купот, практично го вратија по една година пауза откако лани на него се радуваше Алкалоид.
Гогов неочекувано доби шанса од првата минута пред Еспина, македонскиот чувар на мрежата блесна со две одлични интервенции, овозможувајќи Вардар уште во раната фаза да се одлепи и да поведе со 3-1 и со 4-2. Хорига и Лазревски беа незапирливи за Пелистер во почетните десетина минути од натпреварот, а откако меѓу стрелците се запиша и Срдановиќ за предност на Вардар од 6-2, тренерот на „пелистерци“ Раул Алонсо побара тајмаут. Веднаш следеше исклучување на Борозан, две минути подоцна и на Хорига, а „зелено-белите“ умешно го искористија тоа за да ја стопат негативата, стигнувајќи до 7-6.
Во тие моменти на сцена стапи Томи Јагуриновски, десниот бек кој во следните две-три минути даде два гола и изнуди еден пенал, враќајќи ја предноста на 10-7. „Црвено-црните“ се вратија и на четири гола предност, поведувајќи со 15-11, Пелистер по исклулувањето на Аларов (петто за Вардар во првото полувреме) намали на 15-13, но „вардарци“ сепак на одмор заминаа со водство од 17-14, по голот што во последните секунди од првото полувреме го постигна Томи Јагуриновски.
Еспиња застана на голот на Вардар на стартот од второто полувреме и веднаш го запре ударот на Филип Кузмановски. „Црвено-црните“ постигнаа важни голови преку Петриќ и Николиќ, поведувајќи со 20-16 во 36. минута. Битолските судии ги збеснаа своите сограѓани на трибините и на теренот кога не санкционираа играње со нога на Аларов, притоа дозволија играта да продолжи, по што Вардар даде гол од контранапад и повторно поведе со „плус пет“ (21-16). Аларов доби и второ исклучување, а Пелистер преку Раддивојевиќ (шест од шест) намали на 22-19.
Еспиња продолжи да ги излудува противниците, па Вардар благодарение на него и на ефикасноста во нападот, го задржа водството од пет голови (27-22) пред последните 10 минути од мечот. Времето работеше за Вардар, кој одеше на долги напади за да го троши времето, додека за Пелистерци требаше брза реализација, а во такви мигови доаѓаше и до грешки. Откако Е.Пелистер стигна до -4, Вардар не реализираше на празен гол, па битолчани имаа шанси да се доближат до -3, но Дејан Манасков катастрофално го изведе пеналот и прокоцка шанса да му овозможи на својот тим да се доближи. Од друга страна, пак, Вардар казни од пенал преку Крсманчиќ и одново дојде до +5, шесто водство од ваква разлика во мечот.
Сепак, „зелено-белите“ веднаш намалија, а потоа ја казнија една грешка на вардаровите ракометари за да се доближат и на -3. Меѓутоа, Вардар во сладнот се врати на +4 (29-25) на нешто помалку од четири минути до крајот, и веќе почна да се слави новиот трофеј. Дополнително, Урош Борзаш доби црвен картон откако направи прекршок над Јагуриновски.
Во последните три минути се влезе со 29-25, па досуден пенал за Пелистер за да се обиде да ја врати неизвесноста. Радивојевиќ реализираше за три разлика, но Вардар не дозволи чудо во финишот, го исконтролира резултатот до конечните 31-27 и се закити со големиот трофеј.
Јагуриновски и Крсманчиќ ги предводеа стрелците кај Вардар со по шест гола, четири реализираа Хорига и Лазаревски, додека најефикасни кај Пелистер беа Манасков и Радивојевиќ со по седум погодоци.
Заслужен триумф на Вардар во ова големо дерби, како најава за нивната следна пресметка со битолчани, наредниот викенд во СЦ „Јане Сандански“ која ќе решава за шампионската титула во плејофот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

