Ракометарите на Вардар славеа на вечното дерби со Еурофарм Пелистер со резултат 30-25, уште еднаш покажувајќи дека „црвено-црните“ и со сериозно променет и подмладен ростер се подготвени да атакуваат на трофеи. Ако Суперкупот во Струмица беше израмнет во подолги периоди, денешниот меч мина во апсолутна доминација на „вардарци“, кои водеа од почеток до крај и апсолутно ја заслужија победата. За Еурофарм Пелистер ова е трет пораз во низа, по оној во Суперкупот од Вардар и во ЛШ од Колстад, јасен знак дека битолчани во раната фаза од сезоната се соочуваат со криза.
„Вардарци“ максимално мотивирани фуриозно го отворија натпреварот, Томовски бранеше одлично, а по голот на Јагуриновски за 4-1 гостинскиот тренер Јовиќ беше принуден да побара тајмаут. Налетот на „црвено-црните“ не беше запрен со таа минута одмор, Вардар продолжи да доминира и со голот на Јасихура поведе со 6-1. Кузманоски со прецизен седмерец ја прекина серијата на домаќините, а по две загубени топки на Вардар и контранападите што ги реализираше Костески битолачни се вратија на 8-5. Танкоски погоди една минута подоцна за 8-6, по што резултатот до крајот на полувремето се движеше меѓу два и три гола, за по најновата реализација на Јасихура на одмор да се замине со водство на Вардар од 15-12.
Слично како и во првото полувреме, вториот дел повторно стартуваше со подобро издание на „црвено-црните“ кои набрзина стигнаа и до најубедливи шест гола разлика (19-13). Мартин Томовски го продолжи своето шоу на голот на Вардар, бранејќи уште еден седмерец на гостинските ракометари при 21-16. Павле Атанасијевиќ постигна прекрасен погодок на половина од второто полувреме за 21-17, а по новата грешка на „вардарци“ и уште еден гол на Атанасијевиќ, тренерот Стоилов побара тајмаут при водство од три гола на двократниот европски првак.
Борзаш влезе во ритам за Еурофарм Пелистер, гостите намалија на „минус два“, но Јапонецот Јасихура повторно презеде одговорност и стрелаше прецизно за 23-20. Вардар го издржа завршниот притисок на актуелниот шампион на Македонија, „црвено-црните“ знаеја како да го исконтролираат резултатот, да не дозволат победата да им биде доведена во прашање и да слават со конечни .
Томовски беше извонреден со 13 успешни интервенции, Милан Лазаревски одигра уште еден одличен меч против Пелистер постигнувајќи шест гола, исто толку реализираше и Срдановиќ, по пет погодоци постигнаа Петриќ о Николиќ, а четири Јасихура. Кај Еурофарм Пелистер, најефикасни во денешниот пораз беа Борзаш со шест и Кузманоски и Костески со по пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА