Вардар со ново раководство, стручен штаб и нов тим означи нов почеток (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, екипата на Вардар, по којзнае кој пат во 30 години македонска фудбалска независност означува нов почеток. Овој пат од комплетна нула, за првпат во историјата, преку настап во второлигашката конкуренција следната сезона.

По повлекувањето на Сергеј Самсоненко, нов сопственик на клубот е компанијата „Блу Скај“ на Слободан Крстевски со која црвено-црните ќе се борат за враќање таму и каде што им е местото – во елитата.

Нов тренер на клубот, како што е познато, е Горан Симов кој денеска на националната арена „Тодор Проески“ означи почеток на подготовките на новиот тим во кој од минатата сезона останаа голманот Филип Илиќ, како и офанзивците Филип Петковски и Дејан Блажевски, а нови имиња се Филип Петров, Трајче Стојковски, Оливер Пеев, Петар Љамчевски, Александар Пановски, Ристе Илијоски, Дарко Стојанов.

Како што информираше шефот на стручниот штаб првата фаза од подготовките Вардар ќе ја мине во Скопје, а потоа следи преселбата во Охрид каде ќе следат и пријателски натпревари пред почетокот на второлигашкиот шампионат.

 

Се вчитува...