Заокружувањето на групната фаза од Лигата на шампионите е пригоден момент и за статистичка анализа на оствареното, како на тимски, така и на индивидуален план во елитното европско натпреварување.
Цврстата одбрана е заштитен знак на овој тим на Вардар под водство на Роберто Гарсија Парондо, кој склопи силен колектив предводен од одличниот Милосављев на голот. „Црвено-црните“ на 14-те натпревари во групата А примија 390 гола со што се наоѓаат на петтото место, помалку од нив од „групата на смртта“ има само Веспрем (382). Тим со најдобра одбрана во групната фаза од ЛШ е Фленсбург со 370 примени погодоци, а пред Вардар на оваа Топ 5 листа се наоѓаат уште и ПСЖ (385) и Загреб (388).
Кога станува збор за нападот далеку пред сите е Барселона со 486 постигнати погодоци, пред ПСЖ со 455, Кјелце со 439, Нант со 421, Рајн-Некар Левен со 418…
Мелвин Ричардсон е најдобар стрелец со 87 гола, но францускиот бек ќе остане на оваа бројка бидејќи Монпелје не обезбеди пласман во осминафиналето. Од оние играчи кои ќе бидат дел од нокаут фазата нашиот Кире Лазаров е петти најдобар стрелец со 66 гола, зад Пукхуски од Мотор со 80, Анди Шмид од Рајн-Некар Левен со 78, Златко Хорват од Загреб со 73 и Алекс Душебајев од Кјелце со 67 погодоци во натпреварите од групите А и Б.
Најубедлив триумф беше оној на Барселона во Шведска над Кистијанштад со 25-44, а најнеефикасен натпревар досега беше дуелот меѓу финскиот Кокс и шпанскиот тим Адемар Леон (19-19).
Најпосетен натпревар беше оној во Загреб, во кој домашниот тим го пречека ПСЖ, а на трибините го следеа 9.134 навивачи.
Специјалисти за реми беа Кире Лазаров и неговите соиграчи од Нант, кои дури четири натпревари завршија без победник, а најмногу победи во групната фаза забележа ПСЖ (13 на 14 натпревари), пред Барселона (12).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА