Вардар со победа над Сесвете ја почна европската авантура

Двократниот европски шампион Вардар триумфално го стартуваше настапот во новата сезона во второто по ранг натпреварување на стариот континент, Лигата на Европа, откако вечерва на домашен терен славеше над хрватски Сесвете со 34-29.

„Црвено-црните“ одлично го отворија натпреварот, посебно во фазата на одбрана, па по пет минути игра имаа предност од 3-0. Гостите својот прв погодок на мечот го постигнаа во шестата минута кога Филип Турчиќ намали на 3-1.

Во следниот период нашиот тим ја задржа предноста од три гола па по десет минути на семафорот стоеше резултатот 6-3. Вардар продолжи да го полни голот на гостите па откако во 12. минута стигна и до плус пет 9-4 тренерот на гостите Игор Вори мораше да го побара својот прв тајм-аут. По тајмаутот гостите заиграа подобро. Успеаја да се вратат на минус три (11-8), по што и Иван Чупиќ мораше да ја искористи својата прва минута одмор. Ниту тајмаутот не помогна, па на влезот во дваесетата минута Сесвете дојде до само минус еден 12-11. До крајот на првиот дел вардарци ги консолидираа редовите па на пауза заминаа со позитива од четири гола 19-15.

Вардар одлично го отвори вториот дел и со два гола во низа во 34. минута за првпат стигна до позитива од шест гола 21-15. Следуваше серија од 5-0 на гостите по која во 39. минута дојдоа само на гол негатива 21-20, по која Иван Чупиќ мораше да го побара и својот втор тајм-аут. Ниту минутата одмор не помогна. Георгиевски промаши два зицера, по што гостите во 42. минута израмнија на 21-21. Домаќините како да се разбудија од овој шок, па со серија од 3-0 повторно дојдоа до позитива од три гола 24-21, по што и Хори мораше да го побара својот втор тајм-аут.  И по тајмаутот Вардар продолжи да гази па во 49. минута повторно стигна до плус пет (27-22). Со петиот гол на Хориха во 55. минута „црвено-црните“ стигнаа и до највисоките плус седум 32-25, а до крајот само рутински го приведоа мечот за конечни 34-29. Дмитро Хориха со седум гола беше прво име во таборот на Вардар, додека Боно и Тузолана постигнаа по шест гола. Кај поразените Златко Раужан постигна девет гола.

 

Се вчитува...