Вардар со шампионски танц, Шкендија со нов „кикс“ (ФОТО)

Вардар го совлада Пелистер со 3-1 во „вечното дерби“, кое за жал мина без присуство на навивачките групи. Но, шампионот ја оствари целта, а ја зголеми и предноста пред Шкендија, која ремизираше 1-1 против Ренова. Сега вардарци имаа огромни 11 бода предност на врвот на табелата во македонскиот шампионат.

vardar - pelister 3

Пелистер го доживеа четвртиот пораз во последните пет меча и тоа речиси сигурно ќе значи и отказ за тренерот Наџи Шенсои. Шкупи славеше значајна победа против Силекс (3-1), а и Брегалница го напушти последното место, победувајќи ја Македонија ЃП со 1-0. Победа и Работнички одиграа без голови во Прилеп.

вардар радост

Дербито на „Телеком Арена“ беше возбудливо и исполнето со голови. Боарето во 12.минута ги доведе „црвено-црните“ во водство, а Вардар до крајот на првиот дел ја наполни мрежата на Пашовски. Во 42.минута, Стефан Спировски од слободен удар зголеми на 2-0, а две минути подоцна спектакуларен гол од преку 40 метри постигна Тигран Барсегјан. Го „измери“ Пашовски кој беше излезен од гол-линијата и апсолутно невнимателен.Во второто полѕвреме, вардарци не реализираа неколку шанси, а потоа Мартин Ковачев од пенал намали на 3-1 во 68.минута од средбата. Од 77.минута, Пелистер играше и со играч помалку по исклучувањето на Ристе Маркоски.

Шкендија никако не може да се препознае оваа пролет, а евидентно дека Томас Брдариќ не е адкеватно решение за тренерската позиција на овој тим. Ренова зема бод од Шкендија на тетовското дерби, играјќи 1-1.

Шкендија имаше повеќе од играта, но Стојанче Велинов во 75.минута прв ја затресе нивната мрежа. Сепак, Бесарт Ибраими возврати во 83.минута за израмнување на резултатот. Но, тоа не може да биде задоволителен резултат за избраниците на Брдариќ.

IMG_1883

Шкупи убедливо го совлада Силекс на Чаир со 3-1. Ермедин Адем беше стрелец на водечкиот погодок, откако во шестата минута најдопбро се снајде во гостинскиот петерец по нафрлувањето на Бајрами од слободен удар. Во 24.минута, Мбела зголеми на 2-0, а Буњамин Шабани на стартот од вториот дел постигна и трет гол за Шкупи. Антонио Каланоски во 77.минута постигна почесен гол за Силекс на овој меч, но трите бода останаа во Чаир.

IMG_1894

Брегалница стигна до втора победа во серија, совладувајќи ја Македонија ЃП на домашен терен со 1-0. Стрелец на победничкиот гол беше Бобан Георгиев во 57.минута, а со тоа штипјани ги прескокнаа „лавовите“ на табелата и веќе не се на последната позиција.

Победа и Работнички ремизираа без голови на стадионот на Могила во Прилеп.

ПРВА ЛИГА, РЕЗУЛТАТИ (26.КОЛО)

ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР 3-1

ШКЕНДИЈА – РЕНОВА 1-1

ПОБЕДА – РАБОТНИЧКИ 0-0

ШКУПИ – СИЛЕКС 3-1

БРЕГАЛНИЦА – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-0

Табела: Вардар 62, Шкендија 51, Работнички 43, Пелистер 37, Силекс 35, Ренова 32, Шкупи 28, Победа 23, Брегалница 19, Македонија ЃП 17.

Се вчитува...