Ракометарите на двократниот европски шампион Вардар му се реваншираа на шведски Кристијанштад за поразот од пред седум дена откако вечерва во меч од 4. коло во Лигата на Европа на домашен терен славеа со 35-30.
„Црвено-црните“ повторно почнаа лошо во нападот, па по три минути игра се уште немаа постигнато погодок. Среќа на голот повторно беше добар Валах па гостите имаа предност од само 0-2.
Првиот погодок за Вардар го постигна Кавада кој во петата минута од пенал намали на 1-2. Домаќините конечно заиграа подобро во следниот период па во влезот на деветата минута успеаја да израмнат на 4-4. Во 11. минута Вардар првпат стигна до водство со голот на Малус за 6-5.
Двократниот европски првак продолжи со одличната игра, па на половина од првиот дел за првпат стигна до позитива од три гола 10-7. Следуваше серија од два гола на гостинот (10-9), по кои Иван Чупиќ мораше да го побара својот прв тајм-аут на натпреварот. До крајот на првиот дел Швеѓаните успеаја да дојдат на негатива од само еден гол 17-16.
Вардарци одлично го отворија вториот дел во кој им беа потребни само четири минути за повторно да стигнат до највисоките плус три 20-17. Следуваше нов црн период на Вардар, посебно на пикерите кои промашуваа зицери, па на влезот во 42. минута Кристијанштад израмни на 21-21. Домаќинот конечно заличи на тимот кој што беше без пораз до мечот во Шведска, па на влезот на последните петнаесет минути за првпат стигна и до плус четири 26-22. Само минута подоцна првиот гол на Јанковски донесе и плус пет 27-22.
До крајот на мечот Вардар стигна и до највисоките плус шест 35-29, а гостите на крајот ги поставија конечните 35-30.
Дмитро Хориха со девет гола беше прво име во таборот на победникот, додека Јака Малус постигна седум. Кај поразените Аксел Мансон заврши со девет гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

