Вардар стави печат на уште една успешна сезона на домашното првенство, а судбината сакаше „црвено-црните“ последниот меч во оваа шампионска генерација да го играат токму против Металург, во салата каде ја загубија првата титула во „дебитантската сезона“ на Сергеј Самсоненко како газда на „црвено-црните“. За разлика од тогаш, сега разликата во квалитет е огромна, победата на „вардарци“ воопшто не беше доведена во прашање (29-33), но таквиот исход придонесе и слаба посетеност во салата „Автокоманда“, која порано „вриеше“ при пресметките на големите ривали.
На трибините се појавија „Комити“, за последна разделба од Раул Гонзалес и играчите кои си заминуваат, а тие им возвратија со сигурна игра и лесна победа, нешто што стана вообичаено на натпреварите од домашното првенство. Металург денеска издржа петнаесетина минути, имаше водство од 6-4, потоа и 8-7, за избраниците на Гонзалес потоа да ја преземат контролата и на одмор да заминат со предност од 15-19. „Металурзите“ во второто полувреме во два наврати стигнаа до „минус два“ (17-19, 23-25), но немаа сили за целосен камбек, па Вардар на крајот заслужено славеше со конечни , за перфектни „десет од десет“ во плејофот.
Криштопанс со пет погодоци беше најдобар стрелец на Вардар при денешниот триумф, Марсениќ беше стрелец на четири гола, додека најдобри поединци кај Металург беа Илиќ со шест и Филип Кузмановски и Жарко Пешевски со по пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА