Вардар тргна победнички во 2021 – Војводина беше само лесен тренинг

Вардар победнички ја почна новата 2021 година откако „црвено-црните“ вечерва лесно и убедливо триумфираа над Војводина во рамките од СЕХА-лигата (25-21). Без оглед што разликата не делува преубедливо, „вардарци“ имаа тотална контрола над резултатот, а разликата во квалитет му овозможи на тренерот Алушовски да им даде шанса на речиси сите ракометари во ростерот.

Уште на самиот почеток Вардар наметна силно темпо, со голот од контранапад на Гоце Георгиевски во 10. минута поведувајќи со 6-1. Потоа Вардари „намалија гас“, почнаа ротациите во тимот, а со самото тоа и му овозможија на гостинот да делува „егал“ на теренот. Георгиевски пред звукот на сирената ги постави конечните 15-10 на крајот од првото полувреме, по што избраниците на Алушовски делуваа сигурно и на почетокот од вториот дел. Војводина намали на 20-17, резултат при кој Прибак го погоди дирекот, пред мини-серијата на гостите со гол од полу-контра да ја прекине Филип Талески. „Црвено-црните“ рутински го приведоа мечот до крај и конечните 25-21, како најава за пеколниот распоред што ќе го очекува македонскиот клуб во месец февруари, како во ЛШ, така и во СЕХА.

Георгиевски и Дибиров (сите од пенал) беа најефикасни кај Вардар со по четири погодоци, додека Борко Ристовски имаше десет интервенции на голот на македонскиот првак.

Следен предизвик за „црвено-црните“ ќе биде домашниот дуел од СЕХА-лигата против Нексе, закажан за 1 февруари.

Се вчитува...