Вардар триумфално преку Алкалоид за финале во Купот на Македонија (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Ракометарите на Вардар се вториот финалист во Купот на Македонија закажувајќи си пресметка со Еурофарм Пелистер, откако во полуфиналниот натпревар во СЦ „Билјанини извори“ во Охрид триумфираа против Алкалоид со 31-22.

„Вардарци“ од самиот почеток на мечот презедоа контрола на натпреварот сакајќи со време да ја осигураат победата, па на полувремето дојдоа до предност од 14-9.

Во вториот дел во континуитет се одржуваше предноста, иако избраниците на Кирил Лазаров се заканија на десет минути пред крајот доаѓајќи до негатива од само три гола. Но тука застанаа, а црвено-црните се вратија во игра па дојдоа повторно до највисокото водство во текот на мечот од 28-21, за да до крајот се стигне и до убедлив триумф од 31-22.

Најефикасен во победничкиот тим беше Манасков со 12 гола, а Георгиевски постигна шест погодоци, а Томовски беше одличен на голот со 17 одбрани кај „црвено-црните“. Мартин Серафимов кај Алкалоид запиша шест погодоци.

Во 30-то издание на ракометниот Куп на Македонија во финалето (недела, 13. мај) ќе играат Вардар и Еурофарм Пелистер. Вардар во своето 22-ро финале во Купот ќе го брка 16-от трофеј.

 

Се вчитува...