Со двојното гостување, денеска кај Мешков Брест во Белорусија и на 3 февруари во Словачка кај Татран Першеов, ракометарите на Вардар го почнуваат вториот дел од сезоната во регионалната СЕХА лига. Денешниот дуел со Мешков Брест (17 ч.) за вардарци ќе биде прв натпревар годинава, по зимската пауза резервирана за репрезентативните ангажмани и настапите на ЕП.
Есенскиот дел од сезоната, Вардар го заврши без пораз во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата и тенденцијата е да се задржи тој ритам и во втората половина. Прво искушение ќе биде денешниот дуел со Мешков Брест на кој Вардар ќе настапи без неколку ракометари. Поради поситни повреди во Белорусија не отпатуваа Вуко Борозан, Илија Абутовиќ, Владо Недановски и Иван Чупиќ. А во составот ќе ги нема ни двајцата шпански репрезентативци – Жоан Канељас и Арпад Штербик кои добија неколку дена повеќе за одмор и за прослава на шампионската титула што ја освои Шпанија на ЕП во Хрватска.
„Нашите гостувања во Брест секогаш се тешки, а Мешков секогаш игра добро против нас. Очекувам многу интензивна игра, домаќините сигурно ќе се обидат да одиграат подобро отколку на претходните натпревари и да ја почнат годината со бодови. Нашата цел е да продолжиме со добрите перформанси и добро да се подготвиме за предизвиците што не чекаат во Лигата на шампионигте. Недостасуваат неколку играчи, но верувам дека другите што ќе играат да дадат максимум“ – вели Раул Гонзалес.
Вардар е актуелен шампион во СЕХА лигата и во првите 11.кола има максимални 11 победи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА