Никој не очекуваше лидерот во домашната Прва МФЛ, тимот на Вардар, во овој период да влезе во играчка и резултатска криза, но токму тоа се случи. Испаѓањето од Купот на Македонија, каде што Вардар ја бранеше титулата од минатата сезона, ремито во Струга против Трим Лум, како и поразот во големото дерби против Шкендија на свој терен, создадоа немир во таборот на „црвено-црните“.
Бодовната разлика меѓу Вардар и Шкендија сега е драстично намалена, па денешниот дуел против Силекс, кој се игра во Кратово од 14:00 часот, претставува можност за еден вид играчка и резултатска рехабилитација по сè што му се случи на „црвено-црниот“ табор во изминатиот период.
Дека нема да биде лесно да се оствари позитивен резултат е повеќе од јасно, бидејќи Силекс во моментов има серија од три натпревари без пораз. Напротив, Вардар го очекува сериозен предизвик. Сепак, Вардар не би бил лидер и најголем фаворит за титулата доколку не поседува капацитет и квалитет да се справи и со вакви ситуации, а избраниците на Гоце Седлоски тоа добро го знаат.
Вардар во моментов има 52 поени, еден повеќе од второпласираната Шкендија, која денеска во исто време го игра својот домашен натпревар од 22. коло против тимот на Брера. Силекс е четвртопласиран со 39 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

