Вицешампионот Вардар е можеби единствениот македонски претставник во стартното европско коло од квалификациите за ЛЕ кој отворено ја носи фаворитската улога. Сето тоа ќе треба да го потврди уште на првиот натпревар од 1. квалификациско коло за Лигата на Европа денеска од 16 часот против Пјуник во Ереван.
Од Вардар порачуваат дека Пјуник е добро анализиран противник. Во Ереван се по позитивен резултат кој би ја олеснил задачата за реваншот во Скопје.
Најтрофејниот македонски клуб досега во својата клупска историја нема европски дуел со ерменска екипа, но затоа пак засилувањето Дарко Мицевски во дресот на Тетекс има дуели со Пјуник…
„Ждрепката сакаше повторно да играм против Пјуник. Нашиот противник во Лигата на Европа сега има сосема поинаков играчки кадар од тогаш кога играв во дресот на Тетекс. Мора да влеземе со респект без разлика на противникот. Паметам дека примивме гол во последните мигови во Ереван. Бевме елиминирани, но не бевме надиграни од Пјуник. Во Скопје двата гола паднаа во финишот од средбата, а ние израмнивме на крајот. На реваншот примивме гол пред последниот свиреж на судијата и бевме елиминирани. Нормално дека сега посакувам да им вратиме, овој пат јас и Кико да одиме во следната фаза. Одиме на победа утре како и на секој натпревар, меѓутоа мораме да бидеме внимателни затоа што секој противник на вакви натпревари има мотиви. Имаме и ние своја цел, тоа е да поминеме во следната фаза. Добро се подготвуваме за тој натпревар и ќе дадеме се од себе да бидеме успешни“ – вели Мицевски пред денешниот дуел.
Шефот на стручниот штаб, Бобан Бабунски за денешниот дуел со Ерменците од расположивите сили нема да може да смета на Бразилецот Виктор Јуфо, кој поради повреда остана во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА