Вардар во невидена драма ја освои Битола: Хориха со гол во последната секунда за триумф!

Ракометарите на Вардар забележаа огромен чекор кон титулата во Суперлигата откако на гостувањето против Е. Пелистер во Битола во една од клучните пресметки во борбата за шампионската титула славеа во повеќе од драматичен меч со 34-35, благодарение на голот на Хорига во последната секунда од средбата!

„Вардарци“ имаа предност од 16-17 по првото полувреме. Низ вистинска „војна“ на паркетот, „црвено-црните“ далеку подобро го почнаа мечот со водство од 1-5. Потоа домашните успеаја да се вратат во игра за намалување на само еден гол негатива пред полувремето.

Крајно специфично е што во првите 30 минути судиската двојка Начевски – Николов досудија вкупно дури 16 пенали, како последица на жестоката битка меѓу двата тима. Девет од нив беа за домашните, а седум за Вардар.

Второто полувреме почна со игра гол за гол и израмнет резултат, за да „вардарци“ повторно направат посериозна предност од 26-29 која ја одржуваа до финишот на средбата. На две минути пред крајот Вардар влезе со предност од 32-34.  Домашните намалија на 33-34 и на 48 секунди пред крајот имаа напад, па со вториот едноподруго гол Филип Кузмановски донесе израмнување за 34-34.

Последните 15 секунди од натпреварот беа резервирани за Вардар. По првичниот прекршок на четири секунди до крајот, феноменален гол на Хориха за победа од 34-35 на Вардар и цврст чекор кон титулата!

Младен Крсманчиќ кај Вардар беше најдобар со 11 гола, пред јунакот Дмитро Хориха со седум гола, исто колку што даде и Вуко Борозан, додека кај „пелистерци“, Дејан Манасков имаше десет гола, а Филип Кузмановски погоди девет пати.

На крај, црна дамка, на извонредниот дерби натпревар остави физичкиот судир меѓу ракометарите на двата тима, кој набрзо беше смирен.

Вардар со оваа победа се е осамен на врвот од табелата со пет победи од исто толку натпревари, а Е. Пелистер е на втората позиција со четири победи и еден пораз. Јасно е дека титулата ќе се одлучува во меѓусебната пресметка во Скопје.

Се вчитува...