ЕКИПА во Лозана
Горан Бошев
Фудбалска Македонија вечерва може да добие и втор претставник во третото квалификациско коло во Европските купови. По вчерашниот успех на Шкендија во Лигата на шампионите и елиминацијата на ФЦСБ, Вардар (вечерва 20:15) против Лозана е на добар пат да обезбеди пласман во третото квалификациско коло во Лигата на Конференции.
„Црвено-црните“ ќе ја „бранат“ предноста против швајцарскиот тим, стекната во Скопје. На крајот беше 2-1 резултатот за избраниците на Гоце Седлоски, кои вечерва ќе имаат тежок, но не и невозоможен предизвик да го минат фаворитот од овој двомеч. Со одлична игра во првиот меч, сосема заслужено вардарци имаат предност пред вечерашниот реванш.
Внимателни се фудбалерите и стручниот штаб на Вардар и покрај предноста од Скопје. Тренерот Гоце Седлоски предупредува дека ништо не е готово, но се најавува дека ќе се влезе во натпреварот ангажирано и одговорно.
„Одигравме само едно прво полувреме од овој двомеч. Далеку дека било што е готово. Ние одиме утре да покажеме што можеме и колку можеме. Вардар ќе тргне максимално ангажирано, одговорно и прагматично. Ќе се обидеме максимално да сме фокусирани, и да ги искористиме шансите“, рече Гоце Седлоски на вчерашната официјална прес-конференција.
Покрај предизвикот да не загубат, Вардар ќе биде соочен и со вештачка трева на стадионот „Стад де ла Тулиер“ кој се очекува да има солидна посетеност.
„Подготвени сме на се, па и на вештачката трева. Трениравме на неа, вештачки терен имаме во нашата база. Тоа воопшто не е тема за нас. Ние гледаме да одиграме како што знаеме и умееме, како што покажавме и во Скопје. Посакувам добар меч против сериозен противник“, изјави Седлоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

