Со фантастична серија од вкупно 13 натпревари без пораз во Лигата на шампионите и со предзнак на единствена непоразена екипа во А и Б групата сезонава, Вардар вечерва (19 ч.) му гостува на Рајн Некар Левен во „САП Арена“ во натпреварот од 9.коло во групната фаза од ЛШ. Ако Раул Гонзалес со вардарци и вечерва ги собере бодовите од Германија, тогаш, актуелниот европски шампион прв од сите обзбедува пласман во следната елиминаторна фаза од ЛШ и ќе биде се подалеку од другите на лидерската позиција во групата која пак носи дирекетн пласман во четвртфиналето на ЛШ.
„Ова е многу важен натпревар за нас. Ние сме на првото место на табелата во групата А и доколку успееме да победиме кај Рајн Некар, нашата ситуација ќе биде одлична. Очекувам тежок натпревар бидејќи играчите имаат искуство. Гостуваме во Манхајм, а таму секогаш е тешко. Победивме 2-3 пати против Рајн Некар во гости, но не може секогаш да биде така“ – вели тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.
Како и во досегашните дуели, главен адут на Раул Гонзалес ќе биде речиси беспрекорната игра во одбраната и рационалноста во нападот. Во однос на минатонеделниот прв дуел со Рајн Некар Левен во Скопје (30-26), во втората пресметка со „лавовите“, Вардар во нападот ќе го има и Лука Циндриќ кој е фит со повредата и се враќа во составот на „црвено-црните“. Од друга страна, Раул Гонзалес за овој меч не ќе може да смета на пикерот Рожерио Мораеш кој паузира поради повреда на менискусот, но на таа позиција ги има другите двајца пикери – Стојанче Стоилов и Мијајло Марсениќ.
Може ли Рајн Некар Левен да ја прекине победничката серија на Вардар? Во првиот обид на минатонеделниот дуел во Скопје, германскиот шампион беше далеку од тоа. За разлика од Вардар, тимот на Николај Јакобсен влезе во лоша серија од три порази по ред во Бундес-лигата и во ЛШ. Но, она што им оди во прилог на „лавовите“ во вечерашниот дуел е што се враќаат на домашен терен по девет гостувања по ред во сите натпреварувања. Иако, ни домашниот терен во вакви дуели не е сигурна гаранција за победа. Впрочем, токму Вардар го покажа тоа на ланското гостување во Манхајм на кое го победи Рајн Некар Левен со 33-27.
„По девет натпревари во гости, конечно играме дома, пред нашите навивачи. Видовме во Скопје колку значи поддршката од трибините. Ќе биде навистина тешко, но ако имаме добар ден, може да го победиме и Вардар“ – истакнува некогаш прославениот германски репрезентативец, сега во улохга на директор на Рајн Некар Левен, Оливер Рогич.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА