Вардар загуби од Порто и направи чекор назад кон следната фаза во Лигата на Европа

Ракометарите на двократниот европски шампион Вардар го забележаа и вториот пораз сезонава во Лигата на Европа, откако вечерва на домашен терен загубија од Порто со 22-26.

Натпреварот почна со многу грешки на двете страни и изгубени топки, па по три минути игра на семафорот се уште стоеја почетните 0-0. Првиот гол во натпреварот го постигна Гоце Георгиевски на стартот на четвртата минута за почетно водство на македонскиот вицешампион (1-0).

Во следниот период повторно големиот број грешки беа главниот проблем на вардарци, па со голот на Веитија во 10. минута гостинот за првпат стигна до два гола предност (3-5). Вардар продолжи да промашува зицери во нападот, па откако Порто поведе и со плус три (3-6) во 14. минута, Владо Недановски мораше да интервенира со прв тајм-аут. Минутата пауза и тоа како резултираше, бидејќи по тајмаутот „црвено-црните“ направија серија од 4-0 со која повторно стигнаа до водство (7-6). До крајот на првиот дел иако имаше резултатска клацкалка, домашниот тим успеа на пауза да замине со позитива од два гола (12-10).

Гостите подобро го отворија мечот и по само три минути игра успеаја да ја ануилираат негативата од првиот дел (12-12). Во следниот период се играше гол за гол, а по 42 минути резултатот на семафорот изнесуваше 16-16. Порто буквално со истата акција преку десно крило го наоѓаше патот кон голот на Вардар во следниот период, па по подолго време Португалаците повторно стигнаа до плус два (17-19) во 48 .минута. Следеше нов неискористен напад на избраниците на Недановски, по кој Порто за првпат во натпреварот стигна и до плус три (17-20).

До крајот гостите и со мала помош на судиите успеаја да ја задржат предноста и да стигнат до конечен триумф од 22-26. Михел Родригез со четири гола беше прво име кај Вардар, додека кај Португалците Диого Оливеира постигна седум гола.

ФОТО: РК ВАРДАР 

Се вчитува...