Првакот Вардар испиша македонска историја со самиот пласман во историјата на Лигата на Европа, но, за жал, може да остане запишан во европски рамки како најлош тим кој воопшто се натпреварувал во ова натпреварување. За да не биде така, по петте убедливи порази, и гол разлика 2-19, време е Вардар да одигра барем еден квалитетен меч. Нашиот шампион е единствен од сите 48 клубови во ЛЕ, без ниту еден освоен бод досега.
Вечерва (21.05 часот) на арената „Филип Втори“ гостува норвешкиот првак Розенборг, кој освои нова титула во домашна конкуренција, а на првиот дуел ги совлада „црвено-црните“ со 3-1.
„Ова за нас е последен натпревар во Лигата на Европа, настапот ни служеше да собираме добро искуство, и ние како стручен штаб и фудбалерите видовме што значи да се игра во една ваква Лига. Овие мечеви треба да ни бидат мотив за следните сезони исто така да се обидеме да обезбедиме учество во вакви натпреварувања, бидејќи од овие фудбалери еден ден многумина ќе играат надвор, да знаат што ги очекува, и како е да се игра во Европа. Во овој последен натпревар сакаме да ги освоиме првите бодови, затоа што освен искуството мора да гледаме и резултатски. Знаеме дека резултатски не поминавме добро. На гостувањата бевме блиску, против Розенборг на гости одигравме добар натпревар со шанси, но за жал го загубивме“, вели тренерот Чедомир Јаневски.
Конечно, барем еден бод, а зошто не и три, е мисијата што треба да ја исполни македонскиот првак. Јаневски знае како да се добие Розенборг. Но, засега е тоа само теоретски…Вечерва ќе треба да се преточи и во пракса, на терен.
„Ова ни е последен натпревар, последна шанса да дојдеме до бодови. Како тоа би го направиле? Со еден добар пристап организациски, тактички, желба, знаење и верба во своите квалитети и пред нашата публика, бидејќи знаеме дека двата меча дома не ги одигравме на посакуваното ниво и доживеавме порази кои и ден денес не болат. Конечно очекувам со поддршка на нашата публика да ги освоиме тие бодови“, дополнува стратегот на Вардар.
Оптимист е и дефанзивецот Висар Муслиу, кој верува дека Вардар има квалитет за да ја прекине серијата порази во Лигата на Европа.
„Со Розенборг не очекува тежок предизвик. Но ние имаме тим, имаме квалитет, имаме екипа за да се носиме со овој противник, и се надевам дека ќе дојдеме до добар резултат“, истакна Висар Муслиу.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА