Втора година по ред ракометарките на Вардар преку Данска го трасираат патот до завршницата од Лигата на шампионите во Будимпешта. Вардарки вечерва (19 ч.) во Икаст му гостуваат на Митјиланд во првиот натпревар од годинашното четвртфинале во ЛШ. Со данскиот противник, Вардар играше и во ланското четвртфинале во ЛШ и тоагаш беше поуспешен и во двата меча (28-26, 26-24).
Македонскиот шампион ја има фаворитската улога и во оваа четвртфинална пресметка. Со 11 победи во 12 натпревари, Вардар сезона е доминантен во ЛШ и претендира за освојување на шампионската титула. Свесни за силата на противникот, во данскиот тим сепак, се надеваат дека можат да направат сензација слично како онаа што ја приреди Скјерн во машка конкуренција.
Вообичаено, играта на Митјиланд се потпира на искусната норвешка интернационалка Вероника Кристијансен која е трет најдобар стрелец сезонава во ЛШ со 76 гола. Од Кристијансен ќе доаѓа и најголемата опасност по голот на Вардар. На другата страна ударната сила во нападот на „црвено-црните“ е Андреа Пенезиќ која е исто така во топ 5 стрелците во досегашниот тек од ЛШ. Но, Ирина Дибирова има и многу поширок избор на сите позиции што прави нападот на Вардар најубоит во ЛШ со 301 постигнат гол.
Предноста на вардарки во овој дуел е и тоа што го играат реваншот на 14 април на домашен терен во Скопје на кој сезонава немаат загубено бод.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА