Ракометарките на Вардар со перфектни шест од шест ја завршуваат групната фаза во Лигата на шампионите и пренесуваат осум бода во главната рунда во ЛШ што продолжува по зимската пауза, во јануари. Во последниот натпревар во групата, вардарки на домашен терен го совладаа Турингер со 29-21. Разликата во квалитет, но овој пат и во бројност, беше апсолутно на страната на Вардар. Како куриозитет во натпреварите од најелитното европско натпреварување, германскиот тим поради проблемите со повреди, во Скопје допатува само со девет ракометарки, од кои две голманки, па тренерот Херберт Милер за ротација на терен, на клупата имаше само еден единствен играч.
Но, и со ваков скратен состав Турингер во првото полувреме успешно му парираше на Вардар, па дури и да дојде во водство со 3-4 во 7.минута од натпреварот. Вардарки на два пати успеаја да врзат по три гола во серија и да поведат со +4 (10-6, 11-7). Иако Вардар не успеа да направи поголема резултатска предност, во последните десетина минути од првиот дел тренерскиот тандем на клупата на Вардар – Ирина Дибирова и Роберто Парондо им дадоа шанса и на резервните ракометарки од клупата кои пак во прв момент и не се снајдоа најдобро. А, упорните ракометарки на Турингер одиграа максимално борбено во одбраната, а во нападот рационално ја користеа секоја шанса и успеаја на одмор да заминат со нерешен резултат (12-12).
На стартот од вториот дел тренерот на Турингер, Херберт Милер реши да игра „7 на 6“, односно да го нападне голот на Вардар со сите расположливи ракометарки. Но, тоа не му го донесе посакуваниот резултат. Вардарки успеаја да направат серија од 5-0 и за десет минути игра во вториот дел, се одлепија на 20-14. Егизбициската тактика на гостинскиот тренер само му ја олесни работата на македонскиот шампион кој без преголем напор ја погодуваше празната мрежа на противникот и ја зголемуваше предноста достигнувајќи +8 на стартот од последната четвртина (23-15). Финишот на натпреварот беше само рутинска работа за вардарки да стигнат до шестата победа во ЛШ на крај со конечните 29-21, идентично како и на првиот меч во Германија.
Александра Лакрабер беше најефикасна со седум гола, шест постигна Јованка Радичевиќ, , пет Полина Кузњецова, а Андреа Пенезиќ беше стрелец на четири гола за Вардар. Во составот на Турингер прв стрелец беше Ивета Лузумова со шест гола. Забележителна партија на голот на Турингер имаше германската репрезентативка Јана Краузе која само во вториот дел запиша 10 одбрани и го ублажи поразот на германскиот шампион.
По завршувањето на групната фаза во Лигата на шампионите следува зимската пауза за репрезентативните активности и настапи на СП во Германија. На 26 јануари продолжуваат натпреварите во главната фаза од ЛШ во која се формираат нови две групи со по шест екипи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА