Ракометарките на Вардар триумфално стартуваа во главната фаза од Лигата на шампионите. На гостувањето во Подгорица вардарки славеа победа против Будуќност со 28-31 и по три години конечно успеаја да ја освојат неосвоивата „Морача“. Во балканското дерби во ЛШ, македонскиот шампион ја имаше вистинската игра во завршницата и стигна до важни бодови со кои се зацврстува на првото место во групата 1 од главната фаза во ЛШ.Првите минути од натпреварот донесоа изедначена игра и по три погодоци на двете страни. Вардарки влегоа во серија и дојдоа до пет гола предност (5-10) на средината од првиот дел. Офанзивата на македонскиот шампион го принуди тренерот на Будуќност, Драган Аџиќ, да реагира со тајм-аут. Советите на Аџиќ донесоа резултат во играта на Будуќност. Црногорките направија серија од 4-0 и со погодокот на Сузана Лазовиќ во 18 минута дојдоа на гол негатива (9-10). По кризните четири минути, вардарки успеаја да ги консолидираат своите редови. Проработе шутот од бековските позции на „црвено-црните“. Два гола во серија постигна Александра Лакрабер, а потоа прецизна од девет метри беше и Сања Дамњановиќ и Вардар одново се одлепи на три гола разлика (12-15).Но, одбраната на Вардар не успеваше да најде решение за расположената Кристина Неагу. Романската репрезентативка во дресот на Будуќност постигна осум гола од десет шута во првиот дел и беше лидер во нападот на домашниот тим. Токму Неагу намали на 15-16 на една минута пред крај на првиот дел, а Катерина Булатовиќ со прецизен удар од седум метри на Будуќност и донесе изедначен резултат на полувремето (16-16).Почетокот на второто полувреме не им одеше во порилог на вардарки. Будуќност го засили притисокот во нападот, брзо направи серија од 4-1 и поведе со 20-17. Дејвис се обиде со неколку ротации да го најде вистинскиот состав и вистинскиот ритам во играта. Одново во нападот повлече Лакрабер и со два врзани погодоци донесе изнедначување на 20-20. Но, иницијативата на теренот остана на страната на домашниот тим. Будуќност одржуваше минимална предност, а Вардар „бркаше“ резултат. Промената на одбраната од 6-0 во 5-1 со Радичевиќ напред за момент ја „отсече“ Негау во нападот на Будуќност. Вардарки успеаја да се одбранат и го презедоа водството со погодок на Андреа Пенезиќ за 26-27 на седум минути до крај.Во завршните пет минути, вардарки успеаја да се одбранат, Андреа Лекиќ беше прецизна во клучниот напад зголемувајќи на 27-29, а во следниот напад Јованка Радичевиќ го однесе Вардар на +3 (27-30) , предност со која „црвено-црните“ влегоа во последните две минути од натпреварот. Дополнителна сигурност во играта на Вардар додаде и Амандин Лејно на голот, а точка на победата стави Камила Херем со погодокот од седум метри. Десетиот погодок на Негау само го ублажи поразот на Будуќност на конечните 28-31.Најефикасна во составот на Вардар беше Андреа Пенезиќ со осум гола, Андреа Лекиќ постигна седум, а Александра Лакрабер заврши со пет гола . Кај Будуќност лидер во нападот беше Кристина Неагу со десет гола од кои осум ги постигна во првиот дел.Во следниот натпревар од Лигата на шампионите, на 4 февруари, Вардар во Скопје го пречекува Мец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА