По двата турнири во регионалната ВРХЛ лига и четирите победи, сега за Вардар следуваат двата важни натпревари во Лигата на шампионите против дански Митјиланд за пласман за Фајнлфор турнирот во Будимпешта.
„Вардарки“ денеска отпатуваа за Данска каде утре ги очекува првата четвртфинална пресметка на патот кон новиот Ф4. За Данска отпатува комплетниот тим на Вардар, со исклучок на Андреа Човиќ која поради повреда се уште е на рехабилитација. Во тимот се враќа и Андреа Лекиќ која ги пропушти двата турнири во ВРХЛ лигата.
Македонските шампионки на дуелот влегуваат како фаворити пред се поради фактот што главната фаза ја завршија на првото место во групата. Митјиланд беше четвртопласиран во другата група.
Двете екипи досега имаат пет меѓусебни натпревари во Лигата на шампионите. Само во 2014 година Данките успеаја да слават против Вардар, и тоа на свој терен со 25-24. Истата сезона на Ф4 турнирот во Будимпешта, и тоа во борба за 3. место, Вардар победи со 33-31.
Во екипата на Митјиланд најдобра стрелец сезонава во ЛШ е репрезентативката Стине Јоргенсен со 71 гол, а далеку зад неа се Вероника Кристиансен со 49 погодоци, Луси Катрина Бургард со 39 и Трине Остергард Јенсен со 38 гола.
Кај Вардар по одигрување на мечевите од главната фаза најдобар стрелец е Андреа Пенезиќ со 74 гола, Јованка Радичевиќ има 53, Андреа Лекиќ 43 погодоци а Александра Лакрабер – 40 гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА