Победа или бод на денешното гостување во Франција против Мец (15 ч.), на ракометарките на Вардар им го обезбедува првото место во групата на две кола пред крајот на главната фаза во Лигата на шампионите. И Вардар и Мец веќе имаат обезбеден пласман во четвртфиналето на ЛШ, но останува борбата за првата позиција.
Вардарки се во фантастична серија со рекордни девет победи по ред во ЛШ и како што најавија, очекуваат тоа да продолжи и денеска во Мец. Мотив повеќе за „црвено-црните“ се и лошите спомени што ги имаат од ланскиот дуел во Мец во кој беа шокирани со поразот до 42-28. Со оглед на годинашното издание на Вардар во ЛШ, малку е веројатно дека ваков скор може воопшто да се повтори. Иако во Мец се надеваат дека имаат квалитет да им се спротивстават на вардарки и да стават крај на нивната победничка серија.
За Мец ова е јубилеен 90.натпревар во најсилното европско натпреварување. Во првиот дуел во Скопје, Вардар славеше победа со 29-23, а ракометарките на Мец беа немоќни да ја сопрат Драгана Цвијиќ и да ја совладаат Амандин Лено на голот. Сепак, тие ја гледаат својата шанса за реванш во денешниот дуел. Францускиот шампион сезонава е супериорен на домашен терен, ги доби сите четири натпревари пред својата публика што им обезбеди четвртфинале во ЛШ, втора година по ред. Но, со шест светски шампионки во својот состав, амбициите на Мец сезонава се многу поголеми. Францускиот првак посакува пласман на Ф4 во Будимпешта и на тој пат, победа против најдобрите во Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА