Ракометарките на Вардар денеска (14 ч.) во Германија му гостуваат на Турингер во третиот натпревар од главната фаза во Лигата на шампионите.
Иако играат на гостински терен, вардарки ја носат улогата на фаворит во денешниот дуел и имаат убава можност да ја продлжат победничката серија со нова рекордна осма победа во серија во натпреварите од ЛШ.
По триумфот против Будуќност во гости и потоа против Мец на домашен терен, македонскиот првак е супериорен на лидерската позиција во Групата 1. За разлика од Вардар, Турнигер е во многу полоша серија со само две победи од шест натпревари. А пред денешниот дуел, не им одат многу во прилог ни резултатите во домашната Бундес лига во која во последниот натпревар загубија со десет гола разлика од ББМ Битихајм.
Од германскиот тим ги истакнуваат квалитетите на Вардар и свесни се дека во денешниот дуел ги чека тешка задача.
„Вардар има еден од најсилните тимови во светот, заедно со Ѓер. Се знае кој е кој во женскиот ракомет и теоретски ние не можеме да го достигнеме нивното ниво, но може многу да научиме од ваквите натпревари“ – вели тренерот на Турингер, Херберт Милер.
Денешниот натпревар ќе биде посебен за пикерот на Вардар, Ања Алтхаус, кој ќе игра пред добро познатата публика бидејќи 34-годишната Германка пред да дојде во Вардар во 2014 година, две сезони настапуваше во дресот на Турингер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА