Во победнички ритам подготвени да ја продолжат рекордната серија без пораз, ракометарките на Вардар в сабота ја пречекуваат Будуќност во „балканското“ дерби во Лигата на шампионите. Вардарки се единствени без пораз во досегашниот тек од ЛШ. Будуќност сезонава не е на она препознатливо ниво од претходните години и во главната фаза во ЛШ стартуваа со половичен успех – загубија од ФТЦ на стартот, а потоа славеа против Турингер.
Без разлика на фаворитската улога што ја има Вардар во оваа ситуација, дуелите со Будуќност секогаш се посебен предизвик за „црвено-црните“.
„Пред нас имаме сериозен противник. Будуќност нема победа на гостински терен, но сигурно ќе настојуваат да ни се спротивстават максимално. Се надевам дека Скопје никој нема да го освои оваа сезона. Сакаме да ја задржиме добрата атмосфера и самодовербата и да ја продолжиме победничката серија. Решавачка на дуелот сигурно ќе биде одбраната, мора да бидеме цврсти и агресивни. Со добра одбрана да отвориме контри и да даваме лесни голови. Нивната игра сигурно ќе биде груба. Имавме меѓусебни дуели со Будуќност сезонава во регионалната ВРХЛ лига, но тоа не е исто и не е мерило затоа што о двете екипи играа во изменети состави. Се надевам дека навивачите ќе дојдат и ќе не поддржат“ – изјави црногорската репрезентативка во дресот на Вардар, Јованка Радичевиќ.
И тренерот на Вардар, Ирина Дибирова, во пресрет на дуелот со Будуќност потенцира дека вардарки мора да останат максимално концентрирани и да бидат добро подготвени за агресивната игра на противникот.
„Играме со екипата на Будуќност која е наш добропознат противник. Будуќност има добри бекови шутери, добри голмани, добро се тактички подготвенин и играат многу агресивно во добраната. Мора да бидеме максимално концентрирани на овој натпревар исто како и на претходните. Мора да бидеме на високо ниво ако сакаме да победиме“ – изјави Ирина Дибирова.
Дуелот Вардар-Будуќност во 3.коло од главната фаза во ЛШ ќе се одигра в сабота во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 15 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА