Ѕвездениот состав на ЖРК Вардар го игра последниот натпревар пред скопската публика пред јунската реконструкција на тимот од кој си заминуваат речиси сите ракометарки. Во мечот за збогум, денеска (17 ч.) во СЦ „Јане Сандански“, Вардар го пречекува данскиот Митјиланд, во реванш натпреварот од четвртфиналето во Лигата на шампионите.
Вардарки имаат гол предност од првиот меч во Данска (24-23) и се на чекор до рекордниот петти настап на Ф4 турнирот од ЛШ во Будимпешта. Предноста и квалитетот се на страната на македонскиот шампион, домашниот терен и посебната мотивација со која влегуваат во овој дуел ги прави апсолутни фаворитки за уште еден триумф и потврда на местото во завршницата на ЛШ.
„Добро знаеме што е нашата задача на дуелот во сабота. Во Данска имавме катастрофално прво полувреме, но во вториот дел го спасивме мечот. Знаеме што не очекува. Направивме анализа на првиот меч и подготвени сме за оваа средба. Мора да бидеме далеку подобри на вториот меч доколку сакаме да направиме добар резултат. Работевме напорно и сите сме подготвени за она што ни претстои. Очекуваме добар резултат“ – најави тренерот на Вардар, Ирина Дибирова.
Капитенката, Јованка Радичевиќ, која е дел од Вардар уште од почетокот на проектот во 2013 година, во најавата пред денешниот дуел ја истакна важноста на мечот за пласман на Ф4, но посебно емотивниот момент на разделба со публиката.
„Дојде и тој момент да го одиграме последниот меч за Вардар во СЦ „Јане Сандански“, во овој состав. Верувам дека публиката ќе ги исполни трибините и ќе имаме голема поддршка. Сигурно ќе има многу емоции, но мораме да го дадеме максимумот за да дојдеме до посакуваното учество на Ф4 во Будимпешта. Би сакала на овој дуел да играме пред полни трибини и да уживаме“ – повика Јованка Радичевиќ.
Во другите реванш четвртфинални дуели во ЛШ играат: Ѓер – Будуќност, Ростов – ФТЦ и Мец – ЧСМ Букурешт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА