Со пресврт во решавачката последна четвртина, ракометарките на Вардар славеа победа на гостувањето против Митјиланд со 23-24 во првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Иако во поголемиот дел одиграа под своето ниво, сепак кога беше најпотребно дојде до израз искуството и квалитетот на Вардар кој има минимална предност пред реваншот во Скопје и максимална шанса за пласман на Ф4 турнирот во ЛШ.
Вардарки помалку резервирано влегоа во овој прв четвртфинален меч. Серијата грешки и конфузијата во нападот на „црвено-црните“ му остави простор на данскиот тим да наметне свој ритам. Со серија од 4-1, Митјиланд во 8.минута поведе со 6-4 и ја одржуваше оваа предност во наредните минути. И во моментите кога беа со играч повеќе на терен, вардарки не успеваа да реализираат, а Митјиланд успеа да се одбрани, постигна два гола и дојде на +3 поведувајќи со 12-9.
Во нападот бна „црвено-црните“ во овој период од натпреварот недостасуваше концентрација и агресивност, а дополнителен проблем беше и искусната Сабине Енглерт на противничкиот гол. Германската голманка со осмата одбрана го сопре ударот на Барбара Лазовиќ и домашниот тим во следниот напад со погодокот на Вероника Кристијансен зголеми на 14-10. По првите 30 минути, Митјиланд имаше предност од 16-13.
Во исто темпо, со многу грешки и лесно загубени топки, вардарки го почнаа и вториот дел. Данскиот тим играше многу поконцентрирано, лесно ја казнуваше секоја грешка на противникот и ја одржуваше позитивата од 2-3 гола.
На почетокот од последната четвртина со атрактивен цепелин Андреа Лекиќ намали на 20-19, а во следниот напад Андреа Пенезиќ по подолго време погоди за изедначување на 20-20. Вардарки конечно се разбудија и во финишот на натпреварот заиграа во препознатливото ниво. Трите врзани одбрани на Амандин Лејно донесоа дополнителна сигурност во редовите на Вардар и отворија шанса за пресврт. Пресвртот на семафорот го донесе Татјана Хмирова со погодокот за 20-21. За разлика од сигурниот старт, во последната четвртина од мечот падна ритамот и се заредија грешките на ракометарките на Митјиленд кои цели 17 минути останаа без погодок. Вардар направи серија од 6-0 и ја презеде иницијативата во решавачкиот финиш. Улогите се сменија комплетно во последните десетина минути од натпреварот, а на пет минути пред крај вардарки веќе имаа водство од 20-23 и ги презедоа работите во свои раце за триумф со кој со една нога веќе се на Ф4 турнирот во Будимпешта.
Драгана Цвијиќ постигна осум гола, а Андреа Лекиќ заврши со шест во триумфот на Вардар. Норвешката репрезентативка Вероника Кристијансен и на овој меч го предводеше нападот на Митјиланд со шест гола, а одлична партија на голот на данскиот тим имаше Германката Сабиен Енглерт со 17 одбрани
Реваншот од овој дуел е на 14 април во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА