Ракометарките на Вардар денеска (19.30 ч.) во Подгорица и гостуваат на Будуќност во првиот натпревар од главната фаза во Лигата на шампионите. По двомесечната пауза во натпреварите од ЛШ, вардарки одново се враќаат во натпреварувачки ритам, а стартот во втората фаза е токму со главниот ривал за лидерското место во групата. Македонскиот шампион во главната фаза стартува со седум, а црногорскиот со еден бод помалку.
Дуелите меѓу Вардар и Будуќност во последниве години прераснаа во големо балканско дерби. Двете екипи досега имаат одиграно седум меѓусебни натпревари во Лигата на шампионите. Во четири од нив победа славеше Будуќност, две победи има Вардар, а еден натпревар заврши нерешено. Вардарки ги добија последните два натпревари против Будуќност во ЛШ, во ланската сезона, прво во групната фаза од ЛШ (26-24), а потоа и во натпреварот за 3.место на Ф4 турнирот во Будимпешта (29-21).
Двете екипи веќе одиграа и еден меѓусебен натпревар на 14 јануари во рамките на регионалната ВРХЛ лига во кој Будуќност во Подгорица победи со 30-29. Вардарки досега немаат ниедна победа во салата „Морача“, но тренерот на „црвено-црните“, Давид Дејвис најави дека е време да се смени таа традиција.
„Верувам во тоа. Екипата е добро подготвена. Тренираме веќе две недели за овој дуел и имаме неколку чекори напред во формата. Затоа и верувам дека екипа е подготвена за прва гостинска победа во Подгорица“, оптимистички најави шпанскиот тренер на клупата на Вардар.
Денешниот натпревар носи голем предизвик и во таборот на домаќините. Тренерот Драган Аџиќ, верува дека Будуќност може да се избори за позитивен резултат на денешниот меч, а како клучна ја посочува играта во одбраната.
„Вардар е голем тим. Тие се непоразени досега во Лигата на шампионите. Знаеме дека ќе биде тешко кога играме меѓусебе на почетокот од главната фаза. Мора да одиграме подобро во одбраната доколку сакаме позитивен резултат“ – изјави Аџиќ во пресрет на денешниот дуел.
Будуќност на овој меч, но и во наредните во главната фаза, ќе биде без Милена Раичевиќ. Таа има тримесечна пауза поради повреда на стапалото. Во составот на Вардар ја нема голманката Ина Суслина која се уште се рехабилитира по операцијата на менискусот на коленото.
Во првиот натпревар од Групата 1, ФТЦ вчера во гости го победи Мец со 25-28 и сега унгарскиот тим е на второто место на табелата со седум бода, исто колку што има и Вардар на водечката позиција.
Во Групата 2, актуелниот европски шампион ЧСМ Букурешт и Ларвик играа нерешено (26-26), а Ѓер на домашен терен славеше протув Крим Меркатор (39-22).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА