Вардар по обезбедениот пласман на Ф4 турнирот во Келн се врати на обврските во домашниот плејоф, каде „црвено-црните“ очекувано рутински и убедливо славеа над Борец со 39-28.
Раул Гонзалес на овој меч ги одмори српските интернационалци Марсениќ, Милиќ и Абутовиќ, поштеден беше и Вуко Борозан, но актуелниот првак немаше никакви проблеми да забележи нови бодови на своето салдо. Борец добро се држеше до средината на првото полувреме, кога домаќините по израмнувањето на 9-9 додадоа гас, до паузата веќе поведоа со 19-13, за на крајот да слават со конечни единаесет гола разлика.
Десните бекови беа во елемент, па Македа и Душебајев беа најефикасни кај Вардар со по шест гола, пред Стоилов со пет. Вообичаено, Дарко Димитриевски беше прв стрелец на Борец со вкупно десет постигнати погодоци.
Ова беше успешно загревање за тимот на Раул Гонзалес за претстојниот дерби меч со Металург, кој ќе биде решавачки во битката за титулата во домашното првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА