Вардарци лесно до Ф4 во СЕХА: Пресврт за победа и на реваншот со Војводина

Победата од 13 разлика на првиот меч на Вардар против Војводина, гарантираше дека реваншот ќе биде само формалност. Но, Вардарци имаа проблеми во првиот дел, кога српскиот тим го диктираше резултатот и водството, па на полувремето Војводина имаше предност од четири разлика, но далеку од тоа да ја стигне високата разлика на Вардарци. Меѓутоа избраниците на Владо Недановски успеаја во вториот дел со одлична игра не само да го стигнат, туку и да го свртат резултатот во своја корист за победа и на реваншот и пласман во Ф4 на СЕХА Лигата.

Вардар имаше лош влез во натпреварот, па тимот на Војводина стигна до  брзо водство од пет разлика, кое го одржуваше се до 10-5, а потоа Вардарци успеаја да намалат од разликата со три гола во серија. Потоа до крајот на полувремето главно се играше гол за гол, за во финишот Војводина со два гола во серија да дојде до предност од 15-11 на полувремето.

Војводина имаше и пет разлика на стартот од вториот дел, но како одминуваше времето Вардарци се консолидираа, па против младите играчи на противникот брзо ја стопија разликата, и дојдоа до прво водство (19-20). Како се ближеше крајот на натпреварот, Вардар уште повеќе додаваше гас, и стигна до водство од 5, а потоа и до 6 разлика (24-30) на три минути пред крајот, решавајќи го мечот во своја корист.

Македонскиот првак на крајот стигна до конечен триумф од 26-32, највисоката предност која ја имаше на натпреварот благодарение на вториот дел кој го добија „црвено-црните“ со 10 разлика.

Гоце Ѓорѓиевски беше перфектен со 10 гола од 10 обиди, и воедно најефикасен на натпреварот. Чувара постигна седум. На другата страна Сијан постигна девет.

 

Се вчитува...