ЕКИПА во Сан Марино
Горан Бошев
Вардаровата експедиција вечерва ќе го има официјалниот тренинг пред утрешниот меч против Ла Фиорита во реваншот од 1. квалификациско коло од Лигата на Конференции. Вардар има предност од 3-0 по првиот меч, резултат кој гарантира пласман во следната фаза.
Но, од Вардаровиот табор не се залетуваат воопшто и покрај убедливата победа на првиот меч. Велат дека ќе играат како да е ова прв меч, и како да немаат никаква предност.
„Ќе играме како да е ова прв натпревар, и како да немаме никаква предност. Кога се игра во Европа, не смее да се размислува на некои следни продизвици. Нашиот фокус е само на мечот со Ла Фиорита“, вели голманот Давор Талески.
Тренерот Гоце Седлоски на вчерашниот тренинг ги воигруваше техничко-тактичките варијанти за овој меч. Уште по првиот меч во Скопје истакна дека ќе бара од неговиот тим да одигра максимално и на реваншот.
„Предноста е добра, ако некој ни понудеше 3-0 предност пред мечот, ќе прифатевме. Одиме на реванш на кој нема да има опуштање“, рече Седлоски по мечот во Скопје.
Стоперот на Вардар, Мислав Матиќ вчера истакна дека екипата утре ќе влезе максимално внимателно и мотивирано, исто како да е 0-0.
„Ќе играме како да е 0-0, ќе влеземе максимално да го добиеме и овој меч, нема никакво опуштање. Не мислиме никако на тоа што не чека понатаму, туку сме фокусирани само на следниот предизвик“, рече Матиќ.
Дуелот помеѓу Вардар и Ла Фиорита се игра во четврток во 21:00 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

