Фудбалерите на Вардар интензивно се подготвуваат за претстојниот европски предизвик, двомечот со швајцарска Лозана на кој „црвено-црните“ ќе сторат се за да минат уште едно квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА.
Швајцарците ќе ја имаат улогата на фаворити, но во таборот на Вардар се подготвени за борба, решени да ја искористат секоја шанса да го изненадат противникот.
„Лозана има неколку промени во екипата, а воедно доведе и нов тренер. Мислам дека имаат квалитет, но мене ми е најважно како ќе изгледа мојата екипа. Играчите знаат што бараме од нив и очекувам да покажеме карактер уште од првата минута. Сакам да покажеме дека можеме да се носиме со сите ривали. Имаме нови играчи кои лесно се адаптираа на нашата филозофија. Ќе се обидеме да оствариме добар резултат во Скопје, а потоа ќе мислиме на реваншот“, изјави тренерот Гоце Седлоски за МТВ.
Напаѓачот Азер Омерагиќ беше стрелец на првиот гол во првата рунда против Ла Фиорита, а младиот голгетер се надева дека и в четврток повторно ќе успее да се запише меѓу стрелците.
„Јас секогаш сакам да гледам позитивно и се трудам да придонесам на теренот. Би сакал да постигнам гол и против Лозана, ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Сите знаеме дека мора да одиме на победа и токму тука е нашиот фокус“, порача Омерагиќ.
Првиот дуел од двомечот меѓу Вардар и Лозана се игра в четврток со почеток во 20.30 часот на Националната Арена „Тодор Проевски“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

