Фудбалерите на Вардар денеска го одржаа првиот тренинг на подготовките во Австрија, но јасно е дека погледите се свртени кон утрешната ждрепка на која македонскиот првак ќе го дознае името на својот прв противник во квалификациите за Лигата на шампионите. Лани ждребот не им беше наклонет на „вардарци“, кои беа елиминирани од Динамо Загреб, па избраниците на тренерот Седлоски очекуваат повеќе среќа при утрешното извлекување на двојките за квалификациите за елитното европско натпреварување.
„Сите противници се тешки, сите се шампиони во своите првенства, и имаат квалитет. Ќе мораме да пристапиме максимално ангажирано ако сакаме да направиме нешто повеќе и да минеме понатаму. Мислам дека кој и да падне нема да се предадеме и со секого можеме да се надигруваме. Имаме квалитет и сега повеќе искуство од минатите две години. Не успевавме во минатите две сезони да минеме, иако мислам дека минатата година против Динамо Загреб имавме реални шанси. Се надевам дека оваа година ќе успееме да минеме барем едно коло. Што се однесува до противниците, имам неколку желби. Мислам дека доколку се паднат Малме, Карабах, Шериф, Хафнарфјордур, Марибор, тогаш имаме добри шанси да минеме“ – изјави голгетерот Дејан Блажевски.
Сличен е ставот и на фудбалерот за врска, македонскиот репрезентативец Никола Глигоров.
„Како и претходните две години, имаме амбиции да минеме барем едно коло. Се надеваме дека оваа година ќе бидеме успешни и ќе ја исполниме целта. Претходните две сезони имавме шанси, но не успеавме. Мислам дека многу работи зависат од самата ждрепка утре, но исто така голем дел од работите зависат од нас. Пред нас е подготвителен период од две недели во кои ќе треба да ја истемпираме формата за Лигата на шампионите. Со нетрпение ја очекуваме утрешната ждрепка и да го дознаеме противникот. Лесни противници немаме. Има екипи кои се редовни учесници од групна фаза, па дури и во нок-аут фазата во европските натпреварувања. Во Лигата на шампионите нема лесни противници, но, кога би можел да бирам, би ги избегнал првите топ четири екипи по коефициент. А, тоа се Салцбург, Селтик, Копенхаген, Лудогорец, и не би сакал АПОЕЛ и Легија. Со другите можеме да се надигруваме“ – изјави Глигоров за клупската веб-страница на „црвено-црните“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА