„Вардарци“ стартуваа – Горазд Михајлов најави осум нови засилувања за тимот (ФОТО)

Најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија, Вардар под палката на Горазд Михајлов ги стартуваше подготовките за новата сезона во Првата македонска фудбалска лига. Како што најавија Комити пред некој ден, Вардар наскоро ќе добие нови сопственици кои ќе имаат за цел да го вратат клубот на шампионските патеки.

На денешниот прв собир тренерот на „црвено-црните“, Горазд Михајлов вели дека пред почетокот на сезоната Вардар се очекува да го засилат осум нови играчи.

„Сите ние многу добро знаеме што значи Вардар. Знаеме низ каква напорна сезона минавме, за што искрено мора да се заблагодариме на ‘Комити’ за се што направија клубот да живее. Сега веруваме во далеку подобри времиња со нови сопственици и спонзори. Верувам дека заедно со нив, со ‘Комитите’ и со сите што го сакаат Вардар ќе го вратиме клубот на местото кое го заслужува во македонскиот фудбал“ – истакна н денешниот прв собир Горазд Михајлов притоа дополнувајќи:

„Сега мора добро да се подготвиме и да се доекипираме. Не би навлегувал во шпекулации, тука со нас е Филип Најдовски, а јасно е дека ќе ни бидат неопходни уште седум до осум засилување за да креираме компетитивен тим. Во преговори сме со повеќе играчи, но се подетално ќе се знае низ наредните денови. Во тимот го имаме и Дарко Мицевски кој се врати од повредата и кој ќе ни биде од голема помош. Нашата цел со Вардар, без сомнение, секогаш е највисока“, заврши Михајлов.

Вардар денеска го потврдија Филип Најдовски кој е прво засилување за тимот за новата сезона.

Се вчитува...