И актуелниот македонски шампион денеска означи старт на зимските подготовки.
Стратегот на „вардарци“, Чедомир Јаневски на денешниот прв тренинг во новата година, покрај досегашните првотимци, ги имаше на располагање и најновите три имиња Кристијан Тошевски, Јован Попзлатанов и Матеј Цветаноски.
„Почнуваме со подготовките за пролетниот дел од сезоната, низ која Вардар останува на своите амбиции стигнување до шампионската титула. Има за играње уште 18 натпревари до крајот низ кои секако веруваме дека може да ја стигнеме разликата на лидерот во првенството која секако не е недостижна. Имаме со нас тројца млади фудбалери, репрезентативци, кои верувам ќе донесат свежина во играчкиот кадар“ – истакна Јаневски на првиот собир пред стартот на подготовките.
Покрај „тројката“ која дојде од Пелистер, Вардар за пролетниот дел од сезоната се очекува да се поднови и со младинскиот репрезентативен голман, Филип Илиќ, како и со 23-годишниот Бразилец Јаго Силва.
Според планот на стручниот штаб, „црвено-црните“ ќе работат во Скопје во својот тренинг камп до 16. јануари, кога екипата заминува на подготовки во Анталија. Таму ќе биде одработен главниот дел од овој подготвителен период, и ќе бидат одиграни шест пријателски натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА