Македонскиот ракометен првак Вардар ја оствари 13. победа во СЕХА – лигата оваа сезона совладувајќи го ППД Загреб со 28-26. Во неизвесен натпревар, на крајот тимот на Парондо успеа да стигне до важните бодови и се искачи на врвот на табелата. На две минути пред крајот дуелот беше егал (26-26), но Игор Карачиќ со два гола го реши победникот.
Ракометарите на ППД Загреб подобро го почнаа натпреварот, по 15 минути имаа предност од три гола (4-7), но пет минути подоцна Вардар израмни на 9-9. На полувреме се замина со минимално водство на „црвено-црните“ (13-12).
Во вториот дел беше апсолутно неизвесно до самиот крај, а и двете екипи имаа свои блесоци и падови. Во 45. минута гостите повторно водеа со два гола (18-20), но Вардар направи серија од 4-1 и го сврте резултатот во своја корист.
Кристијан Дисингер со седум гола беше најефикасен во редовите на Вардар, додека Иван Сршен со осум погодоци беше прв стрелец на мечот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА