Варди „бунтува“ против Раниери, не шутнал на гол од 27 декември

Резултатската криза на Лестер се продлабочи со вчерашниот пораз од Свонси, по што повторно актуелни станаа гласините дека Клаудио Раниери се соочува со отказ. Раководството на „лисиците“ му изрази поддршка на стратегот што минатата сезона му ја донесе шампионската титула на Лестер, а изненадувачки информации пристигнуваат од „островот“ – дека Џејми Варди е предводник на групата играчи кои бараат од челниците да му врачат отказ на искусниот Италијанец.

Варди, кој лани беше најдобар стрелец, вината за слабата форма сезонава ја бара кај тренерот во кого веќе целосно ја има загубени довербата. Во групата незадоволни играчи покрај Варди се наоѓаат уште и Дени Дринквотер, Марк Олбрајтон и капитенот Вес Морган, кои се со ист став – дека Раниери треба што поскоро да си замине од Лестер за тимот да почне да игра во рамките на своите можности.

Медиумите остро го нападнаа Варди, посочувајќи статистички податок кој вели дека англискиот репрезентативец нема упатено удар во рамките на противничкиот гол уште од 28 декември. Оттогаш Лестер има скор од една победа, едно реми и шест порази, при што победата и ремито беа остварени кога голгетерот ја одлежуваше суспензијата од три натпревари.

Раниери и самиот е разочаран од односот на фудбалерот кому минатото лето му даде рекордна плата од 100.000 фунти неделно, па веќе и најавил дека Варди експресно ќе биде преселен на клупата за резерви. Местото на Англичанецот најверојатно ќе му припадне на Муса, кој не доби премногу можности да ги покаже своите квалитети по трансферот од ЦСКА Москва, a сега ќе биде и еден од главните адути на Лестер во битката за опстанок.

Се вчитува...