Вареловски: Нема што да загубиме, европскиот настап е сам по себе силна мотивација за нас!

Кавадаречки Тиквеш утре на националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје од 20:30 часот го игра својот дебитански натпревар на европската сцена во историјата на клубот. Против исландски Бреидаблик се почнуваат натпреварите од 1.квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА.

Капитенот на Тиквеш, Александар Вареловски вели дека утре е голем ден за фудбалско Кавадарци кое ќе го живее својот прв историски меч во Европа. Токму затоа сите во тимот носат огромен мотив за вистинско надигрување со Исланѓаните.

„Ова е голем ден за Тиквеш и за сите нас. Секако нема потреба од некој дополнителен мотив кога се игра во Европа, но може да кажам дека не чувствуваме некој притисок. Се чини како притисокот да беше поголем пред финалето од Купот на Македонија, кога силно го посакувавме трофејот. Сега сме порастоварени затоа што сме свесни дека нема што да загубиме, а може многу да добиеме со европските натпревари“ – истакна Вареловски на денешната средба со медиумите.

Според капитенот на Тиквеш добро е што ќе се игра во вечерен термин.

„Добро е што ќе играме од 20:30 часот, затоа што и нас ни значи што ќе ги избегниме екстремните високи температури“ – вели Вареловски.

Се вчитува...