Васе Михаилов се врати како нов тренер на Струмица

Легендата на струмичката и македонската одбојка, поранешниот македонски репрезентативец Васе Михаилов повторно се врати во својата Струмица, овој пат како нов тренер на струмичкиот прволигаш.

„Со огромна гордост ја објавуваме промоцијата на нашиот поранешен капитен, човекот кој 15 години беше срцето и моторот на екипата, во нов тренер на Струмица“ – информираат од струмичкиот клуб притоа дополнувајќи:

„Како играч, тој остави неизбришлива трага во историјата на клубот со 10 шампионски титули и 8 куп титули, притоа и со повеќе од 100 настапи за репрезентацијата, како и две учества на Европски првенства, каде со години достоинствено ги бранеше боите на својата држава. По завршувањето на играчката кариера, продолжи да му служи на клубот и како помошник тренер, освојувајќи еден трофеј, а во моментов е и помошник тренер во репрезентацијата, што е уште една потврда за неговото знаење, искуство и авторитет. Денес започнува ново поглавје – од капитен на теренот, до лидер покрај аут-линијата. Веруваме во неговата визија, карактер и победнички менталитет“.

Михаилов во претходната сезона беше предводник на младите категории, каде во сите категории ја освои шампионската титула, додека оваа сезона сите младински селекции се на првото место во своите групи, што јасно го потврдува неговиот квалитет и тренерска визија.

Се вчитува...