ВАСИЛ РИНГОВ – Вардаровата ѕвезда која вечно ќе сјае!!!

Македонскиот фудбал денеска сосема неочекувано загуби една од своите најголеми легенди, незаборавниот вардаров фудбалер Васил Рингов, кој на 70-годишна возраст почина по кратко боледување во Скопје.

А, кој е Васил Рингов? За постарите генерации љубители на македонскиот спорт апсолутно никаква непознаница. За оние помладите убаво е да знаат, без сомнение, едно од најпрепознатливите вардарови имиња од онаа шампионска генерација во поранешна Југославија.

Роден во Струмица во 1955 година, со фудбалот започнува уште во раните тинејџерски години во дресот на Беласица Струмица, од каде, како еден од најталантираните македонски фудбалери, се сели во белградски Партизан. Но, не добивајќи некоја поизразена шанса во Белград, се сели во Втората југословенска лига во тимот на Тетекс од Тетово, каде за две сезони израснува во главна ѕвезда на клубот. Со одличните игри го привлекува вниманието на другиот македонски клуб таа 1977 година во Втората лига, скопски Вардар. Па веднаш ги засилува црвено-црните од Скопје кои со помош на Рингов се враќаат во Првата лига на Југославија каде ќе настапуваат и во текот на поголемиот дел од осумдесетите години на минатиот век.

Најубиствената вардарова двојка во историјата – Дарко Панчев и Васил Рингов

Рингов се издвојува како централен играч на Вардар низ раните осумдесети години, незаменлива фигура во тимот, настапувајќи до 1986 година на повеќе од 200 првенствени натпревари и постигнувајќи 93 лигишки голови. Во Вардар, кој е засекогаш запишан во неговото срце, Рингов го реализира најголемиот дел од својата кариера, со исклучок на кратката полусезонска магија во Динамо Загреб.

Во дресот на Динамо Загреб

„Дојдов како засилување за шампионската генерација на Диномо Загреб, се очекуваше многу од мене. Но, тогаш замина тренерот Мирослав Чиро Блажевиќ, кој инсистираше на моето доаѓање. Многу работи се сменија во клубот, имаше проблеми во соблекувалната и не ми се допаѓаше атмосферата во Загреб. И затоа одлучив брзо да заминам. Но, сета таа одлука, некако беше среќна затоа што повторно се вратив во мојот Вардар каде во 1987 години дојде и шампионската титула“ – се потсетуваше Рингов.

Пред крајот на неговата играчка кариера Васил Рингов мина една полусезона и во втората Бундеслига во Германија, во тимот на Ајнтрахт Брауншвајг, за да сепак финишот е со шампионската генерација на Вардар која во сезоната 1986/87 дојде до титулата во поранешна СФРЈ. Во својата играчка кариера забележа и еден настап во дресот на репрезентацијата на поранешна Југославија.

=======================================================

ВАСИЛ РИНГОВ (1955 – 2025)

КАРИЕРА: Беласица (1971-1973), Партизан (1973-1975), Тетекс (1975-1977), Вардар (1977-1983), Динамо Загреб (1983-1984), Вардар (1984-1986), Ајнтрахт Брауншвајг (1985-1986), Вардар (1986-1987)

УСПЕСИ: Шампион на СФРЈ со Вардар во сезона 1986/87, репрезентативец на Југославија

Се вчитува...